Европската унија планира да воведе паушална такса за милијарди мали пакети што најчесто пристигнуваат од Кина, што би можело да биде нов финансиски удар за онлајн продавници како Temu и Shein. Ова го објави Financial Times, повикувајќи се на предлогот на Европската комисија.
Причината за новата мерка е зголемениот обем на пакети што директно се испраќаат до потрошувачите – годишно дури 4,6 милијарди артикли. Според предлогот, ќе се воведе такса за ракување и складирање на пакетите, како одговор на барањата од земјите членки на ЕУ, кои укажуваат на преоптовареност на царинските служби.
Иако не е утврден точниот износ на таксата за Temu, се проценува дека би можела да изнесува околу 2 евра по пакет. Артиклите што ќе се испраќаат во складишта би се таксувале со 0,50 евра.
Европскиот комесар за трговија Марош Шефчович изјави дека предложил воведување на т.н. такса за обработка на пакетите, делумно за покривање на трошоците за дополнителни царински контроли, а остатокот од приходите ќе се слева во буџетот на ЕУ.
„Бројот на пратки што влегуваат во ЕУ расте драматично. Тоа доведува до зголемен увоз на небезбедна или неусогласена стока, како и поплаки од европските трговци за нелојална конкуренција“, изјави Шефчович за FT.
Новата такса би можела директно да ги засегне милиони потрошувачи ширум Европа кои сè почесто купуваат евтина стока преку Temu, Shein и слични платформи. Целта на ЕУ е да воспостави фер пазарни услови и подобра контрола врз увозот од трети земји.