Ким Џонг Ун бесен по неуспешното лансирање на воен брод „Го нарушивме достоинството на нацијата“

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун побара одговорност од надлежните по, како што ја нарече, „сериозна несреќа“ при лансирањето на нов воен брод. Според државните медиуми, за време на инцидентот биле оштетени делови од дното на 5.000-тониски разурнувач, што довело до дестабилизација на пловилото.

Ким бил присутен на лансирањето и наложил бродот да се поправи до одржувањето на клучна партиска средба во јуни. Тој ги обвини инволвираните во дизајнот и изградбата за „недозволиво невнимание“ и за „сериозно нарушување на достоинството и гордоста на нацијата“.

Во изјавата се наведува дека причините за несреќата се „апсолутно невнимание, неодговорност и ненаучен пристап“. Ким најавил дека грешките ќе бидат предмет на дискусија на пленарната седница на Централниот комитет на Партијата следниот месец.

Не е познато дали има повредени во инцидентот, кој се случил во пристаништето во Чонгџин, на североистокот од земјата.

Несреќата доаѓа неколку недели по претставувањето на новиот воен брод, кој Пјонгјанг го оцени како значаен чекор во модернизацијата на своите поморски сили, истакнувајќи дека истиот има капацитет за носење до 70 проектили.

Зачлени се на нашиот е-билтен