Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи изјави дека Техеран ќе преземе „специјални мерки“ за да ги заштити нуклеарните објекти.
Неговата изјава уследи откако пред два дена Си-ен-ен, повикувајќи се на неименувани разузнавачки извори, објавија дека можно е Израел да подготвува напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Ја повикав меѓународната заедница да преземе ефикасни превентивни мерки против тековните израелски закани, а доколку нема одговор, ќе го принудат Иран да преземе посебни мерки за заштита на нашите нуклеарни објекти и материјали“, објави Арагчи на платформата Икс.
Арагчи испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во кое предупредува дека Иран ќе ги смета САД за одговорни за секој израелски напад.
Претходно, портпаролот на Иранскиот корпус на револуционерната гарда (ИРГЦ), Алимохамед Наини изјави дека на секој израелски напад ќе се одговори „одлучно и разорно“.
„Тие сакаат да нè исплашат со војна, но погрешно пресметаа бидејќи не се свесни за воената и народната поддршка што Исламска Република може да ја добие во воени услови“, посочи Наини.
Израел не ги коментираше наводите на Си-ен-ен, но израелските претставници, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху, постојано се закануваа дека ќе ги нападнат иранските нуклеарни постројки за да ја спречат Иран да има нуклеарно оружје.