Од почетокот на годината, во Сиера Леоне се регистрирани 3.011 случаи на мајмунски сипаници, при што 14 лица починале од последиците на вирусот, соопшти денес Министерството за здравство на земјата.
До средината на мај, здравствените власти пријавија 11 смртни случаи и повеќе од 2.045 заразени, но бројките во меѓувреме значително пораснале, се наведува во соопштението.
Случаи се регистрирани во сите 16 области на Сиера Леоне. Во обид да се одговори на растечкиот број на заболени, властите го зголемуваат болничкиот капацитет, вклучително и со додавање стотици нови болнички кревети.
„Го пренаменивме Центарот за обука на полицијата во Фритаун во објект со капацитет од 400 болнички кревети“, изјави неименуван претставник на министерството, додавајќи дека невладината организација „Лекари без граници“ (MSF) обезбедила финансиска поддршка.
Мајмунските сипаници се вирусна болест која се манифестира со висока температура и појава на плускавци на кожата.
Болеста првпат е идентификувана во Демократска Република Конго во 1970 година и со децении остана ограничена на неколку африкански земји. Меѓутоа, во 2022 година, започна да се шири глобално, вклучително и во развиени земји каде што претходно не била присутна.
Светската здравствена организација минатата година прогласи највисоко ниво на тревога поради ширењето на оваа болест.