Штрајк со глад најавуваат студентите од Пионирски парк во Белград ако наставата не започне на факултетите до 1 јуни

Најава за почеток на штрајк со глад денеска објави претставникот на групата „Студенти 2.0“,  Милош Павловиќ. Тој денеска на прес конфенеција изјави дека групата бара до недела, 1 јуни, да се обезбеди настава на факултетите, во спротивно ќе штрајкуваат со глад.
Павловиќ на прес конференција во Пионирски парк во Белград , каде што „студентите кои сакаат да учат“ се веќе неколку месеци, објави дека бараа од претседателот на Србија, премиерот, претседателот на Собранието и министерот за образование да им ги обезбедат нивните уставно загарантирани права.

„Го оставаме последниот рок – до недела, 1 јуни. Тоа е последниот рок што го даваме бидејќи ги исцрпевме сите други можности и не ни остана ништо друго, немаме каде да одиме“, рече тој.

Тој рече дека доколку нивните три барања не бидат исполнети до 1 јуни, ќе ги повика сите свои колеги да му се придружат на штрајкот со глад.

Првиот услов, според Павловиќ, е сите факултети во Србија да почнат со работа до недела, а вториот е „итно покренување морална, дисциплинска и кривично-правна одговорност против лицата кои ни го попречиле уживањето на правата загарантирани со Уставот – од правото на образование до правото на слобода на движење“.

„Третиот услов е еднаш засекогаш да се запрат фашистичките напади врз нас и заканите… затоа што сакаме да се образуваме“, рече Павловиќ. Тој изјави дека тие се во Пионирски парк „целосно легално и легитимно“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен