Бугарија од наредната година ќе влезе во еврозоната како 21. членка

Европската комисија и Европската централна банка, денеска на Бугарија и официјално и дадоа зелено светло од 1 јануари, 2026 година да стане 21. членка на еврозоната.

„Ова е историски момент за Бугарија, еврозоната и Европската Унија. Еврото ќе донесе опипливи придобивки за бугарските граѓани и бизниси: стабилни цени, пониски трансакциски трошоци, заштитени заштеди, повеќе инвестиции и зголемена трговија. Се разбира, еврото е повеќе од валута“, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис.

И покрај внатрешните политички поделби, Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007, одамна изрази посветеност кон приклучување на заедничката валута, врзувајќи го левот со еврото уште во 1999. Денешната одлука може да донесе повеќе странски туристи и инвестиции во најсиромашната земја во ЕУ и ќе ја олесни трговијата.

Сепак, многумина во Бугарија се скептични околу прифаќањето на еврото и постои голема поделеност. Распространетата корупција, острата нееднаквост во приходите и четиригодишната политичка криза обележана со серија предвремени избори и слаби коалиции ја намалија довербата во властите. Многумина стравуваат од пораст на цените за време на промената, како што се случи во другите земји во изминатата деценија.

Анкета спроведена од Европската комисија минатиот месец покажа дека 50% од Бугарите не ја поддржуваат заедничката валута, наспроти 46% во ноември лани.

Министерката за финансии Теменужка Петкова минатата недела рече дека еврото ќе донесе повеќе инвестиции и стабилност во Бугарија. Најави дека владата ќе започне кампања оваа недела за да ги смири граѓаните.

Со просечна месечна плата од 2.443 лева (1.420 евра), Бугарија е најсиромашната членка на ЕУ, а населението во руралните области е особено погодено од инфлацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен