Пакистан: Подготвени сме за дијалог со Индија, но не по секоја цена

Пакистан е подготвен за разговори со Индија, но не по секоја цена, изјави денеска пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар.

Неговата изјава го истакнува отсуството на напредок во односите меѓу двете соседни нуклеарни сили по најжестокиот воен судир меѓу нив во последниве децении. Индиски и пакистански сили користеа борбени авиони, ракети, дронови и артилерија за време на четиридневните судири минатиот месец, пред на 10 мај, со посредство на САД, да се постигне прекин на огнот.

– Секогаш кога тие ќе посакаат дијалог – на кое било ниво – ние сме подготвени, но не го бараме тоа очајно, рече Дар.

Тој потенцираше дека Пакистан сака сеопфатен дијалог за повеќе прашања, вклучително и за водите, додека Индија инсистира разговорите да се сведат само на темата тероризам.

– Тоа не е прифатливо. Никој не е посериозен од нас. За танго се потребни двајца, изјави пакистанскиот министер, осврнувајќи се на изјавата на неговиот индиски колега Субрахманјам Џајшанкар дека разговорите треба да се фокусираат само на тероризмот.

Индија и претходно има изјавено дека „тероризмот и дијалогот не можат да одат рака под рака“.

Пакистан бара и разговор за правата на водите, откако Индија го раскина важниот договор за заедничко користење на реките по нападот од 22 април. Тој договор обезбедува вода за наводнување на 80 отсто од пакистанските земјоделски површини. 

Зачлени се на нашиот е-билтен