Извозот на оружје од Израел во 2024 година е рекордни 14,7 милијарди долари и покрај меѓународните критики за речиси 20-месечната војна во Појасот Газа, соопшти Министерството за одбрана на таа држава.
„Израел повторно достигна историски врв во извозот на оружје во 2024 година“, соопшти Министерството за одбрана, кое го следи и одобрува извозот на израелски воени производи.
Повеќето од договорите (56,8%) се „мегадоговори“, вредни најмалку 100 милиони долари секој, соопшти министерството.
Додаваат дека „оперативните резултати“ во војната против исламистичкото движење Хамас во Појасот Газа ја зголемија побарувачката.
Министерството објави дека од почетокот на војната, предизвикана од невидениот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, работи во „вонреден режим, мобилизирајќи 24-часовно производство за потребите на израелските одбранбени сили, додека го одржува производството за странски клиенти“.
Според министерството, побарувачката за балистички ракети, ракети и системи за ПВО „достигна нова фаза“ – околу 48% од вкупниот извоз, во споредба со 36% во 2023 година.
Покрај тоа, „извозот на сателитски и вселенски системи значително порасна, сочинувајќи 8% од трансакциите во 2024 година во споредба со 2% во 2023 година“.
Повеќе од половина од извозот е во европските земји, покажува распределбата по земји.