Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Четириесет и три години од смртта на Јосип Броз Тито

На денешен ден пред 43 години почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито (1892-1980).

Тито беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.

На челото на Југославија беше цели 35 години.

Беше погребан на 8 мај 1980 година во Белград, по сопствена желба во зимската бавча на својата резиденција на Дедиње, која потоа беше наречена „Куќата на цвеќето“. Покрај големиот број граѓани на Југославија, на погребот присуствуваа 209 делегации од 128 земји од светот, поради што е официјално проглаен за најпосетен погреб на некој државник во историјата.

На погребот му претходеше пренесувањето на неговите посмртни останки со Синиот воз од Љубљана, преку Загреб во Белград, каде следните три дена беа изложени во централната сала на зградата на Собранието на СФРЈ.

Таму граѓаните, домашни и странски делегации, му ја изразуваа последната почит.

Титовиот погреб беше директно пренесуван преку телевизија во Југославија и во уште 16 земји во светот, а во неколку земји дополнително беше емитувана целата снимка или поважните делови од погребот, поради што според податоците на Јуровижн е прогласен за втор најгледан настан во 10 век, веднаш по слетувањето на мисијата Аполо 11 на Месечината, во јули 1969 година.

Мислењата за неговата улога и дело се спротивставени – за едни Тито е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешно-политички углед, а за други – диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.

Иако поминаа 43 години од смртта на Тито, голем број граѓани од републиките на поранешна СФРЈ сè уште го посетуваат неговиот гроб. Куќата на цвеќето досега ја посетиле повеќе од 20 милиони луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен