Делегација од американскиот Стејт департмент се сретнала со високи претставници на Францускиот национален собир (RN) кон крајот на мај, но нивната понуда јавно да ја поддржат Марин Ле Пен – по нејзината петгодишна забрана за вршење јавни функции – била одбиена од страна на партијата, потврдија два извори за Ројтерс.
Ле Пен, една од најистакнатите фигури на европската крајна десница, важеше за фаворит на француските претседателски избори во 2027 година, пред да ѝ биде изречена судска забрана за вршење јавна функција во март. Таа беше осудена за злоупотреба на средства од Европската Унија за плаќање на партиски персонал.
Американскиот претседател Доналд Трамп и други десничарски лидери застанаа зад неа, обвинувајќи го официјален Париз за „политичка цензура“. Ле Пен (56) го освои второто место на претседателските избори во 2017 и 2022 година, а поддршката за нејзината партија значително порасна во последниве години.
Се очекува Бардела да биде достојна замена
Американската делегација што го посети Париз беше предводена од Семјуел Самсон, службеник во Бирото за демократија, човекови права и труд (DRL) при Стејт департментот. Тој се сретнал со високи партиски претставници, но не и со самата Ле Пен или со претседателот на RN, Џордан Бардела.
Според изворите, целта на посетата била да се разгледаат можни начини на кои администрацијата на Трамп би можела јавно да ја поддржи Ле Пен во обидот да ја поништи судската одлука. Сепак, понудата била одбиена по проценката дека таквата поддршка би можела да наштети на имиџот на партијата и да ги намали шансите за изборен успех во 2027 година.
Пратениците му посочиле на Самсон дека нема потреба од надворешна поддршка, бидејќи – доколку Ле Пен не може да се кандидира – Бардела има реални изгледи за победа. Ле Пен интензивно работеше на ребрендирање на RN од евроскептична и националистичка во партија која се фокусира на заштита на семејните приходи, работните места и францускиот идентитет.
DRL: Во Европа се злоупотребува судството за замолчување на политичките противници
Портпарол на Стејт департментот потврди дека имало средба со RN, но го отфрли толкувањето дека поддршката била „одбиена“.
„Претставниците на RN нагласија дека, во нивен интерес, мора да дејствуваат како независна политичка сила“, изјави официјален претставник за Ројтерс.
Извор близок до Ле Пен изјави: „Поддршката од странска влада за нашата партија не е нешто на што сме навикнати.“
DRL претходно овој месец објави на платформата X дека нивни претставници се сретнале со француски политички претставници, партии и други чинители, со цел да ја потврдат заедничката заложба за слобода на говор, демократски избор и верска слобода.
Дополнително, DRL изрази загриженост во врска со, како што наведоа, „одредени појави во Европа каде што судството се користи за замолчување на слободниот говор и цензурирање на политички противници.“