Бројот на загинати од падот на авион за тренинг на воздухопловните сили на Бангладеш врз училиште во Дака се искачи на 27 лица, од кои повеќето се ученици, соопштија локалните власти.
Кинескиот борбен авион F-7BGI вчера се урна врз двокатната зграда на училиштето „Мајлстоун Скул енд Колеџ“ во северниот дел на главниот град.
Првично беа пријавени 20 загинати и околу 171 повредени, а седуммина починаа од повредите во текот на ноќта, пренесе ДПА.
Саједур Рахман, помошник на шефот на привремената влада, Мухамед Јунус, денеска изјави дека бројот на загинати се искачил на 27. Меѓу нив се пилотот и 25 деца, рече тој.
Идентитетот на шестмина од починатите се уште не може да се утврди, а околу 78 лица, претежно ученици и многумина со изгореници, се лекуваат во различни болници, рече тој.
Падот се случил неколку минути откако авионот полетал вчера попладне, според медиумската дивизија на војската на Бангладеш. Оттаму соопштија дека пилотот на тренажниот авион забележал техничка неисправност набргу откако полетал од воздухопловната база Курмитола во Дака.
Во моментот на падот многу деца сè уште биле присутни во училиштето, кое е наменето за ученици од основно до 12-то одделение. Владата денеска прогласи ден на национална жалост за да им оддаде почит на загинатите.