Трамп го отфрли тврдењето на Нетанјаху дека нема глад во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека не се согласува со изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека нема глад во Газа, откако се состана со британскиот премиер Кир Стармер во Шкотска.

Трамп ја опиша ситуацијата во Газа како „ужасна“ и додаде дека САД „мора да помогнат на хуманитарна основа“, пренесува Би-Би-Си. Тој рече дека ќе постави центри за храна каде што луѓето ќе можат да влезат и дека нема да има „граници“, додавајќи дека е „лудо“ што луѓето сега можат да видат храна зад оградата, но не можат да дојдат до неа.

На новинарско прашање дали се согласува со забелешките на Нетанјаху за гладот во Газа, Трамп одговори: „Не знам. Врз основа на телевизијата би рекол не особено, бидејќи тие деца изгледаат многу гладни“

– Сакаме децата да се нахранат, рече Трамп.

Стармер, кој стоеше покрај Трамп, рече дека мора да се постигне примирје во Газа, каде што „ситуацијата е очајна“.

Трамп потврди дека тој и Стармер ќе разговараат за хуманитарната ситуација во Газа.

Американскиот претседател рече дека е „тешко да се справи со Хамас“, и оти сега кога имаат помалку заложници ќе биде потешко да се постигне договор бидејќи Хамас ги користи заложниците како штит, „а кога ќе ги предадат повеќе немаат штит“.

Но, Трамп додаде дека тој и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прават „разни планови“. Според него, во некои случаи знаат каде Хамас ги држи заложниците, но дека има и аргументи за и против разни пристапи како тие можат да се извлечат.

Израел вчера соопшти дека ќе ги паузира воените операции во некои области во Газа 10 часа дневно за да ја подобри испораката на помош. Но, покрај тие мерки, израелските операции продолжија на други места во Газа.

Хуманитарните агенции ги поздравија новите израелски мерки, но оценија дека не се доволни. Сликите на слаби деца предизвикаа глобална огорченост. Поголемиот дел од населението во Газа сега зависи од помош, а доаѓањето до храна стана сè поопасно.

Портпаролот на Стармер, Дејв Перс, рече дека Британија ги поддржува напорите на Трамп да постигне примирје во војната меѓу Израел и Хамас и дека целта на тој план е примирјето да се претвори во траен мир.

Зачлени се на нашиот е-билтен