Мицкоски уште пред еден месец го спомена 19 октомври како најверојатен датум за првиот круг на локалните избори. Тогаш тој објасни дека информациите му се од Собранието бидејќи ќе бидат распишани во првата половина од август. Во таков случај Мицкоски рече дека вториот круг би се одржал по две недели односно на 2 ноември.
Денеска Мицкоски, пак, уште еднаш го обвини Коцевски дека и натаму е лојален на претходната владеачка гарнитура и додаде дека ограничувањата кои се на сила во предизборниот период, го блокираат разрешувањето.
„Сега, и да сакаме, не можеме да преземеме нешто бидејќи влегуваме во процес на распишани избори. Најверојатно изборите ќе се распишат кон крајот на следната недела. Така што, сите процеси на избор и именувања поради ограничувањата на законот ќе бидат стопирани. Од ноември ќе продолжиме со оној процес, онаму каде што застанавме. Ако се одважи и даде оставка, повторно влегуваме во еден лавиринт во кој не можеме да бидеме поради ограничувањата кои што ги имаме. Ние може да избереме но ќе биде спротивно на закон“, рече Мицкоски.
Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска смета дека владата не треба да се меша во смената на Републичкиот јавен обвинител и апелираат да се сочува принципот на поделба на власта.
„Разрешувањето на кој било обвинител, вклучително и на Коцевски, би рекла со таква интрузија од страна на извршната власт, го сметаме за неприципиелно од аспект на поделба на власта“, рече Чупеска.
Во понеденикот, народните иазбраници од власта ја поддржаа интерпелацијата на републичкиот обвинител Коцевски.
Инаку интерпелацијата нема правно дејство што значи дека Коцевски останува сам да одлучи дали ќе поднесе оставка или пак Владата ќе биде таа која ќе продолжи со постапката за разрешување.
Коцевски во интервју кажа дека нема да поднесе оставка „туку уште поревносно ќе се посвети на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како „Онкологија“ и „Пулс“, за кои, како што вели, постојат многу цврсти докази.