[Видео] Филипче од Крушево: Илинден е нашиот темел – заедно да ја продолжиме борбата за Македонија!

„Го честитам празникот Илинден од историското и храбро Крушево, од каде што тргна револуцијата, од каде што тргна големата борба, епопејата за слободна, независна држава“, вели во честитката до граѓаните претседателот на СДСМ Венко Филипче по повод одбележувањето на двата Илиндени, и тој од 1903-та и тој од 1944-та и АСНОМ.

Во пораката по повод големите историски настани, Филипче истакна дека „мора прво да се присетиме и да оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме денеска во модерна и развиена држава“.

„Меѓутоа мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски“, порача претседателот на СДСМ. 

Филипче повика „сите заедно да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредувањето на нашата држава“.

Зачлени се на нашиот е-билтен