Вербална пресметка меѓу атинскиот градоначалник Харис Дукас и израелскиот амбасадор во Грција Ноам Кац ја разгори дебатата за слободата на изразување и ставовите кон војната во Газа. Повод беше интервјуто на Кац за весникот Катимерини, во кое дипломатот оцени дека градските власти „не прават доволно“ да ги заштитат посетителите од антисемитски пароли и графити што, како што рече, ги вознемируваат израелските туристи.
На социјалната мрежа Х (поранешен Twitter) Дукас возврати дека Атина е „главен град на демократска земја која го поддржува правото на својот народ слободно да се изразува“ и додаде:
„Не прифаќаме лекции по демократија од оние кои убиваат цивили и деца додека чекаат во редици за храна. Во Газа се случува невиден геноцид.“
Градоначалникот потсети дека графитите се чистат редовно, но подвлече дека „фокусот на амбасадорот врз ѕидови со спреј е циничен“ во време кога, според него, страда „цел еден народ“. Тој посочи и дека бројот на израелски државјани кои во последната година добиле грчка „златна виза“ е зголемен за повеќе од 90 отсто, што покажува дека Израелците во голем број инвестираат и се чувствуваат безбедно во Грција.
Од израелска страна, Кац предупреди дека паролите од типот „Убивајте ционисти, спасете животи“ се „повик на насилство“ и оцени дека властите мора поенергично да реагираат. Сепак, дипломатот призна дека генерално грчките институции ги штитат и правото на протест и безбедноста на туристите, наведувајќи дека израелските посетители се чувствуваат „добредојдени“ на најголемиот дел од грчките острови.
Последниве месеци Атина, како и островите Сирос, Родос и Крит, беа сцена на повеќе про палестински протестни маршеви со критики кон официјалната политика на Израел.