Најмалку шест лица загинаа во руски напади на југот и североистокот на Украина, додека уште четворица загинаа во украинско гранатирање на територии под руска окупација, соопштија локалните власти.
Во градот Лозова, кој се наоѓа околу 80 километри од линијата на фронтот во регионот Харкив, загинаа две лица, изјави гувернерот Олег Синегубов. Според него, во нападот е оштетена и железничката инфраструктура.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во истиот напад се повредени десет лица, меѓу кои и две деца.
Гувернерот Синегубов го опиша нападот како „најмасовен врз Лозова“ од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, нагласувајќи дека руската војска користела вкупно 34 дронови.
Во одвоен руски напад во областа Суми, која се граничи со Русија на северот на Украина, утрово загинаа две лица, а неколкумина беа повредени.
Уште две лица загинаа во напад со руски дрон во јужната област Запорожје, соопштија локалните власти.
Од руската страна на фронтот, четворица вработени во водовод загинале во украинско гранатирање на градот Сватове, кој се наоѓа во Луганската област што е под руска окупација, објави локалниот функционер Леонид Пасечник на Телеграм.
Во истиот напад, во кој било оштетено и постројка за преработка на нафта, биле повредени уште две лица.