Мелони го поздрави одобрувањето на проектот за изградба на мост преку Месинскиот проток, кој ќе ја поврзе Сицилија со копнениот дел

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави денеска конечното одобрување на проектот за изградба на мост преку Месинскиот проток, кој ќе ја поврзе Сицилија со копнениот дел на Италија, наведуваат извори од Владата.

Одлуката е донесена на седницата на Комитетот за економско планирање и одржлив развој, со што проектот официјално доби зелено светло, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.

„Денешната седница на Комитетот претставува клучна фаза во работата на оваа Влада. Комитетот денеска е повикан да го усвои конечниот план за мост преку Месинскиот Проток, со цел да се започне со изградбата во рамки на проектот, кој е еднакво импозантен колку што е и врвен од технички и инженерски аспект“, рече Мелони, според наводите на изворите.

Проектот за изградба на мостот е вреден 13,5 милијарди евра. Тој ќе биде најдолгиот висечки мост во светот, и покрај загриженоста за земјотреси, влијанија врз животната средина и заканата од мешање на мафијата.

Италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини рече дека проектот ќе биде „двигател на развојот“ на југот на Италија. Првите активности би можеле да започнат летово, а изградбата се очекува да започне идната година.  

Зачлени се на нашиот е-билтен