Холандската полиција заплени над 90 килограми наркотици испратени по пошта

Специјален тим задолжен за сузбивање на шверцот со дрога преку поштенски пратки запленил над 90 килограми тешки дроги во првата година од своето делување, соопшти денес холандското обвинителство (OM).

Тимот под името „Hit and Run Post Team“ (HARP) – заедничка иницијатива на полицијата, царината и обвинителството – покренал 25 истраги и уапсил 16 осомничени.

Шестмина од нив веќе се осудени на повеќегодишни затворски казни, а останатите наскоро ќе се појават пред суд, се наведува во соопштението кое го пренесува NL Times.

Обвинителството истакна дека уапсените претставуваат „клучна алка во меѓународниот синџир за снабдување со дрога“.

Дрогата била криена на најнеочекувани начини – во храна за мачки, во плишани играчки, шалови, па дури и во статуа на Буда.

Во една од последните заплени, на 29 јули бил уапсен 36-годишен маж од Ротердам, откако била пронајдена поголема количина метамфетамин скриен во плишано мече и шал.

Во изминатата година, холандската царина пресретнала над 13.700 пратки со недозволени супстанци, додека во 2023 година тој број изнесувал околу 16.500.

Зачлени се на нашиот е-билтен