Лани во Јапонија бројот на починати беше за речиси еден милион поголем од бројот на новороденчиња, што претставува најголем годишен пад на населението од почетокот на официјалните истражувања во 1968 година.
Премиерот Шигеру Ишиба ја опиша демографската криза како „тивка вонредна состојба“ и најави политики прилагодени на потребите на семејствата, како што се бесплатна грижа за деца и флексибилно работно време. Меѓутоа, досегашните обиди за зголемување на ниската стапка на раѓање кај јапонските жени имаат мал ефект.
Бројот на странци расте
Според новите податоци објавени од Министерството за внатрешни работи и комуникации, бројот на јапонски државјани се намалил за 908.574 во 2024 година. Земјата регистрирала 686.061 новородени, што е најниска бројка од почетокот на водството на евиденцијата во 1899 година.
Во исто време, починале речиси 1,6 милиони луѓе. Ова е 16-та последователна година на намалување на населението, а притисокот врз националниот пензиски и здравствен систем станува сè поголем. Бројот на странци во Јапонија достигна рекордни 3,6 милиони, што претставува речиси 3% од вкупното население.
Владата делумно ги прифати странските работници преку воведување дигитални номадски визи и програми за усовршување, но имиграцијата останува политички чувствителна тема во главно конзервативната земја.
Градовите и селата се празнат
Лицата постари од 65 години сега сочинуваат речиси 30% од населението, што е втор најголем процент во светот по Монако, според Светската банка. Работоспособното население (од 15 до 64 години) опаднало на околу 60%.
Сè повеќе градови и села се празнат, со речиси четири милиони напуштени домови во последните две децении, покажуваат податоците на владата објавени лани.
Владата со години се обидува да ја зголеми стапката на раѓање преку различни стимули, од субвенции за домување до платено родителско отсуство. Сепак, длабоко вкоренетите културни и економски пречки сè уште постојат.
Високите трошоци за живот, застојот во платите и ригидната работна култура ги одвраќаат младите од основање семејство. Стапката на раѓање во Јапонија е ниска уште од 1970-тите, и експертите предупредуваат дека за драматични подобрувања ќе бидат потребни децении.