Во интервјуто, тој зборуваше за условите на Путин за постигнување договор меѓу Русија и САД.
Кога беше прашан што очекува од самитот меѓу Трамп и Путин во Алјаска, кој е закажан за петок, Суслов рече дека „постојат две можни опции“.
„Првата е двајцата претседатели да усвојат билатерален руско-американски план за постигнување прекин на огнот во Украина. Ова е од клучно значење за Кремљ: договорот меѓу нас и Америка, без Украина и Европа. Тој план треба да вклучува повлекување на украинските сили од деловите на Донбас каде што се уште се присутни и повлекување на Русија од Сумискиот, Дњепропетровскиот и Харковскиот регион (Украина), со непроменета линија на фронтот во другите области. Ве потсетувам дека пред една година, Москва бараше целосно повлекување на Украинците од сите четири анектирани области, додека сега бара тоа да биде само од Донбас. Клучен дел од договорот е дека Украина не работи кон приклучување кон НАТО“, рече Суслов.

Тој додаде дека „очигледно не станува збор за обична размена на територии“, како што објави Трамп минатиот петок.
„Напорите (на Украина) да не се приклучи кон НАТО се неизбежен предуслов за какво било примирје. После тоа, конечниот договор, секако, ќе мора да вклучува демилитаризација на Украина и уставна реформа во однос на федералното уредување“, рече советникот за надворешна политика на Кремљ.
На изјавата на италијанскиот новинар дека сите овие позиции на Русија се веќе познати од претходно и на прашањето што е вистинската вест, Суслов одговори дека станува збор „првенствено за подготвеноста на Русија да разговара за прекин на огнот, а не само за конечен договор“.
„Втората работа е што Путин бара малку помалку за возврат за тоа примирје отколку пред една година“, рече тој.
Запрашан за втората од двете можности што ги спомена, Суслов објасни што мислел.
„(Друга опција е) (украинскиот претседател Володимир) Зеленски, со поддршка на Европејците, да го отфрли ова решение, што би го натерало Трамп да ја прекине секаква воена помош за Киев, па дури и да ја запре продажбата на оружје на Европејците, бидејќи тие го даваат на Украина. Но, тоа би го забрзало нејзиниот пораз и целосен колапс“, рече Суслов.

Тој има одговори и на прашањето зошто Трамп би дејствувал само против Киев во тој случај, без да покрене никакви казнени мерки против Русија, како што вети.
„Ако Трамп толку силно и речиси ентузијастички ја поддржува опцијата за постигнување договор, причината за тоа е што се стави во тешка позиција барајќи од Кина, Индија и Бразил да престанат да увезуваат руска нафта, заканувајќи им се со секундарни санкции. Кина очигледно вели „не“ на тоа, а и Њу Делхи и Бразилија никогаш не би го направиле тоа, а нивното одбивање е проблем за Америка: тоа е точката во која Трамп или попушта, претворајќи се во слабак, или е вовлечен во тежок политички и трговски конфликт со Кина и двете централни земји од БРИКС, со исход што не може да се предвиди. Ако, од друга страна, самитот во Алјаска биде успешен, заедно со усвојувањето на заеднички план за прекин на огнот во Украина, фитилот што беше невнимателно запален против Кина, Индија и Бразил би бил изгаснат, а американскиот претседател би можел дури и да побара историски заслуги. Затоа очекуваме Трамп да го прифати предлогот на Путин. За него (Трамп), тоа претставува вистински излез (од ситуацијата)“, рече Суслов.