Хуманитарната криза во појасот Газа достигна незамисливи размери, со глад што се развива пред очите на светот, се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на повеќе земји.
Се повикува на итна акција за запирање и превенирање на гладувањето, како и заштита на хуманитарниот простор и недозволување на политизација на помошта.
Поради рестриктивните нови барања за регистрација, клучни меѓународни невладини организации може наскоро да бидат принудени да ја напуштат територијата под окупација, што дополнително ќе ја влоши хуманитарната состојба.
Во изјавата се бара од Израелската влада да издаде дозволи за сите хуманитарни пратки и да овозможи непречена работа на хуманитарните актери. Итни, постојани и конкретни мерки се потребни за безбеден и масовен пристап на ООН, меѓународните НВО и хуманитарните партнери.
Сите премини и патишта мора да се користат за голем прилив на помош, вклучувајќи храна, суплементи за исхрана, засолништа, гориво, чиста вода, лекови и медицинска опрема. Потребно е да се забрани употребата на смртоносна сила на местата за дистрибуција, а цивилите, хуманитарните работници и медицинскиот персонал да бидат заштитени.
Во изјавата се изразува благодарност до САД, Катар и Египет за нивните напори во постигнување прекин на огнот и мир. Потребен е прекин на огнот кој ќе стави крај на војната, ќе овозможи ослободување на заложниците и непречен копнен пристап на помошта во Газа.
Оваа заедничка изјава е потпишана од министрите за надворешни работи на Австралија, Белгија, Канада, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грција, Исланд, Ирска, Италија, Јапонија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија и Велика Британија.