Орбан пријавил вила вредна 30 милиони евра како земјоделски имот

Еден од најгласните противници на Виктор Орбан, опозицискиот пратеник во унгарскиот парламент Хадхази Акош, на Фејсбук објави документи со кои го поткрепува тврдењето дека Виктор Орбан лажел за огромниот семеен земјоделски имот, кој всушност е луксузен станбен простор, пренесува хрватскиот тпортал.хр.

Како што се наведува, унгарскиот премиер Виктор Орбан заедно со семејството поседува вила вредна 30 милиони евра, поточно, станбен простор кој премиерот го пријавил како земјоделски имот. Акош, кој го тврди ова, споделил фотографии од резиденцијата и енергетските сертификати, тврдејќи дека унгарскиот премиер лажел за намената на имотот и сокрил дека поседува вила.

Тој тврди дека плочникот во имотот е направен од „најскапиот“ материјал и дека градежен работник, кој ги снимил овие фотографии, му кажал дека зад вратата се наоѓа огромен сеф, како и дека објектот содржи просторија за складирање голема количина храна. Објавените фотографии прикажуваат подземен ходник кој, според пратеникот, ги поврзува зградите на имотот, а тој забележал дека ходникот е „поплочен со тули, но надвор постои армирано-бетонски ѕид од шеесет сантиметри (што е видливо и на воздушната фотографија што тој ја снимил)“.

Понатаму, во објавата на Фејсбук, Хадхази претпоставува дека постојат и бункери, иако не објави фотографии кои ја поткрепуваат оваа негова претпоставка, бидејќи авторот на сликите не се осмеилил да му ги даде.

Ова не е прв пат овој опозициски политичар да го прозива Орбан. Тој најпрво објави документи кои покажуваат дека на имотот има станбени згради, а потоа објави фотографии од ходникот и поплочената патека.

Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен