Министерството за внатрешни работи уапси 55-годишен скопјанец, И.А., осомничен дека фрлал камења кон полициски хеликоптер Bell 412 додека полнел вода на вливот на реката Лепенец во Вардар за гаснење на пожарот во реонот на Блаце. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Инцидентот се случил минатата недела, кога, според МВР, осомничениот влегол во плиткиот дел од коритото, мавтал со раце и фрлал камења кон леталото во моментот на зафаќање вода. Поради ризик за екипажот, пилотите биле принудени да ја променат локацијата за полнење и да продолжат со интервенцијата на друго место.
Случајот е документиран, а по насоки на обвинителството ќе следува соодветен поднесок. Од МВР потсетуваат дека попречување на воздушни и копнени екипи при гаснење пожари носи сериозни кривични последици и го загрозува јавниот интерес и безбедноста.