Повредени демонстранти и полицајци во Врбас и Бачка Паланка по судири пред штабови на СНС

Неколку демонстранти и најмалку четворица полицајци се повредени во вторник навечер во Врбас и Бачка Паланка, за време на антивладини собири што прераснаа во судири пред локалните седишта на Српската напредна странка (СНС). Според сведоштва од терен, групи приврзаници на СНС фрлале пиротехника, камења, столчиња и шишиња кон насобраните, а бил испукуван и огномет.

Бранoт студентски и граѓански протести во Србија трае веќе девет месеци, поттикнат по трагедијата во Нови Сад во која загинаа 16 лица. Синоќешните собири во Војводина беа израз на солидарност со претходно уапсените и повредените демонстранти и со барања за одговорност на власта поради корупција и несоодветно изведени градежни работи.

Во двата града полицијата формираше кордон меѓу двете групи, но присутни тврдат дека безбедносните сили не ги спречиле нападите врз граѓаните. Министерството за внатрешни работи, пак, соопшти дека демонстрантите ги нападнале приврзаниците на СНС и дека меѓу повредените се и четворица полицајци, вклучително и заменик-началникот на ПУ Нови Сад. Новинарски екипи од N1 и „021“ јавуваат за повредени демонстранти, а Итната медицинска помош интервенирала на лице место; асистент-снимател на N1 во Врбас бил погоден со камења во стомакот и рамото.

Студентските организации реагираа дека нападите изгледале координирано и најавија нови собири. Во текот на ноќта имаше протести пред седиштата на СНС и во Нови Сад, Белград и Ниш. Дел од присутните биле приведени поради „попречување на службено лице“, а на социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои граѓани прашуваат зошто полицијата не интервенирала порано за да ги заштити демонстрантите во Врбас и Бачка Паланка.

Зачлени се на нашиот е-билтен