8 милиони евра биле сомнително распределени од Ана Михајлов, СДСМ бара итна истрага

Во контекст на вчерашната изјава за проверките на ОЛАФ, СДСМ денес ја обвини Владата дека назначила лице под активна истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за прв човек на Националната агенција што располага со средствата од програмата „Еразмус+“. Партијата оцени дека потегот е „тежок удар врз довербата на младите и образовниот систем“ и побара итно разрешување.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ се обидела да ја релативизира одговорноста со тврдењето дека именувањето било „во координација“, но избегнала да одговори на клучното прашање: дали Европската унија дала согласност Ана Михајлов да биде избрана за в.д. директорка. Партијата се повикува на информации од свиркачи дека одговорот од Брисел е негативен и дека, напротив, бил побаран нов, легитимен оглас со можност за други кандидати.

Во фокусот на сомнежите е минатото на Михајлов (поранешна Митровска) во Агенцијата. СДСМ посочува период 2014–2017, кога таа, како одговорно лице за евалуатори, наводно поврзувала постапки со својата кумашинка Дорина Ѓорчева Митровска, при што биле доделени над осум милиони евра. Партијата бара институциите да утврдат дали распределбите биле законски или се предмет на истрага за злоупотреба на европски средства.

Се отвораат и прашања за улогата на првиот директор на Агенцијата, Бошко Нелкоски, кој според партијата бил ментор на сегашната в.д. директорка, како и за можните врски со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“. СДСМ тврди дека ОЛАФ ги идентификува овие траги во поширока мрежа на спорни тендери, барајќи Јавното обвинителство да постапи по наодите.

Опозициската партија оценува дека министерката за образование Јаневска „не побарала одговорност“, а најавата дека „ќе се продолжи мисијата“ ја толкува како заштита на партиски и бизнис интереси. „Наместо транспарентна процедура и консултација со ЕУ за прифатливо решение, зад грбот на јавноста се именува истото лице“, наведува СДСМ.

Партиските барања се јасни: Владата веднаш да ја разреши Ана Михајлов и да обезбеди услови истрагата на ОЈО да продолжи без опструкции; Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани да одговараат. „За злоупотреби нема место во образованието. Одговорност мора да има“, порача СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен