Ѓорѓе Јовановиќ е автор на постерот на Скопски џез фестивал 2025

Визуелниот идентитет на годинешното издание на Скопскиот џез фестивал ќе биде постер изработен од уметникот Ѓорѓе Јовановиќ, кој, како што објави самиот на социјалните мрежи, со овој фестивал има повеќедецениска лична врска.

„Започнав да одам на концертите на Скопскиот џез фестивал во 1996 година, додека сè уште бев средношколец. Овој фестивал длабоко го обликуваше мојот музички вкус и мојот светоглед“ напиша Јовановиќ потсетувајќи на позначи имиња кои настапуваа на фестивалот во минатото, како Џон Лури и The Lounge Lizards, Џанлуиџи Тровези, Раби Абу Халил, како и на настапите на легенди како Орнет Колман, Пет Метини, Херби Хенкок, Чик Кореа и други.

„Затоа, за мене е голема чест и огромна радост што Оливер Белопета и неговиот тим ме поканија да го изработам постерот за годинешното издание на фестивалот. Ви благодарам, Скопски џез фестивал – се гледаме во октомври!“, напиша Јовановиќ.

Скопскиот џез фестивал се одржува секоја година во Скопје почнувајќи од 1982 година. Годинава ќе се одржи во октомври.

Зачлени се на нашиот е-билтен