Фотографскиот гигант Eastman Kodak предупреди инвеститорите дека компанијата се соочува со сериозен ризик од гасење, поради финансиски проблеми кои ја доведуваат нејзината иднина во прашање.
Во своето најново финансиско извештај објавено во понеделник, Kodak призна дека нема доволна ликвидност ниту обезбедено финансирање за да ги покрие своите обврски, кои достигнуваат околу 500 милиони долари. Компанијата признава дека овие услови „предизвикуваат сериозни сомнежи во способноста за натамошно работење“, пренесува CNN.
Акциите на компанијата во вторникот паднаа за повеќе од 25%.
Во обид да се стабилизира, Kodak најави суспензија на исплатите кон својот пензиски фонд, а истовремено работи на планови за рефинансирање или пролонгирање на долговите. Од компанијата велат дека царините нема да имаат значително влијание на работењето, бидејќи најголемиот дел од производите (камери, мастила и филмови) се произведуваат во САД.
Извршниот директор, Џим Континенца, останува оптимист:
„Во второто тромесечје, Kodak продолжи да напредува според нашиот долгорочен план, и покрај неизвесната економска околина“, изјави тој.
Eastman Kodak е основан во 1892 година, а првата Kodak камера била продадена уште во 1888 година за 25 долари. Иновативниот слоган „Вие притискате на копчето, ние го правиме останатото“ ја претстави фотографијата како достапна за секој – револуционирајќи ја индустријата.
Но, токму иновацијата што сами ја создадоа – првата дигитална камера во 1975 година – подоцна ќе биде клучна причина за нивниот пад. Компанијата не успеа да се адаптира на дигиталната револуција, а во 2012 година поднесе барање за стечај, со долгови од над 6,7 милијарди долари.
Краткотраен подем имаше во 2020 година, кога американската влада ги ангажираше за производство на фармацевтски состојки, што го крена интересот на инвеститорите – но привремено.
И покрај кризата, компанијата и натаму произведува фотографски филмови, хемикалии и компоненти за филмската индустрија, а брендот „Kodak“ се користи за различни комерцијални производи преку лиценцирање.
Компанијата најавува проширување на фармацевтското производство, но останува неизвесно дали тоа ќе биде доволно да се спаси од ново затворање.