Рама ги „исече“ Мицкоски и Курти од фотографијата на самитот во Будва

фото: принтскрин Instagram ediramaal

Албанскиот премиер Еди Рама се најде во фокусот на косовските медиуми поради фотографија од денешниот самит на Берлинскиот процес во Будва. На својот профил на Инстаграм, Рама објави верзија од заедничката фотографија на лидерите на која не се гледаат македонскиот премиер Христијан Мицкоски и косовскиот премиер Албин Курти.

На целосната фотографија се присутни сите учесници, но во верзијата што ја споделил Рама кадарот е потесен, а Мицкоски и Курти останале надвор од него.

Косовскиот портал „Национале“ го пренесе случајот со оценка дека Рама ги отстранил двајцата премиери од семејната фотографија.

Објавата привлече внимание и во контекст на политичките несогласувања меѓу Рама и Курти. Во изминатите денови, претставници на косовското движење Самоопределување упатија остри критики кон албанскиот премиер, особено по протестите во Тирана.

Интересно е што на Инстаграм-профилот на Христијан Мицкоски е објавена фотографија од самитот на која тој позира заедно со косовскиот премиер Албин Курти. Така, додека двајцата премиери останаа надвор од кадарот на фотографијата што ја сподели Рама, на профилот на Мицкоски тие се во центарот на вниманието.

Самитот на Берлинскиот процес се одржува денеска во Милочер, кај Будва, со учество на лидерите од Западен Балкан, германскиот канцелар Фридрих Мерц и европската комесарка за проширување Марта Кос.

Во фокусот на средбата се регионалната соработка, економското поврзување и европската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?