Македонските одбојкари пред историска шанса – клучен дуел со Грузија за ЕП

По поразот од Грција синоќа во Атина со 3-0 (25:18, 25:15, 27:25) во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство, македонската одбојкарска репрезентација се враќа во Скопје со јасна цел – победа со максимален резултат против Грузија в недела за пласман на континенталниот собир.

Иако „црвено-жолтите“ го започнаа мечот динамично, фаворизираната Грција го искористи домашниот терен и стабилната игра за да дојде до убедлив триумф. Во третиот сет македонските одбојкари имаа две сет топки и серија добри блокови, но не успеаја да го однесат мечот во продолжение.

Капитенот Никола Ѓорѓиев изјави дека сè уште верува во пласман на Европското првенство:
„Со победа од 3-0 против Грузија мислам дека ќе се пласираме. Судбината е во наши раце.“

Селекторот Јошко Миленковски нагласи дека и покрај поразот, тимот има позитивен поен-количник и е во подобра позиција од Австрија и Норвешка. „Играеме дома, пред наша публика. Треба да бидеме максимално мотивирани и да го завршиме ова со пласман на ЕП,“ рече Миленковски.

Натпреварот со Грузија во Скопје ќе биде последната и клучна пречка за Македонија да обезбеди четврто учество на Европското првенство.

Зачлени се на нашиот е-билтен