„Ниту една земја не е безбедна“: Тропски ноќи во Скандинавија

Одредени метеоролошки податоци и климатски модели, кои научниците ги користеа во анализата, покажуваат дека јулскиот топлотен бран во нордиските земји немаше да се случи доколку немаше климатски промени.

Ниту една земја не е безбедна од климатските промени, рекоа научниците откако нордиските земји беа погодени и од топлотен бран во јули.

Норвешка, Шведска и Финска се познати по постудена клима, но забележаа високи температури. Во Финска, рекордни 22 дена беа над 30 степени, додека Шведска имаше 10 последователни тропски ноќи кога температурите не паднаа под 20 степени.

Глобалното затоплување, предизвикано од согорувањето на фосилни горива, ги направи топлотните бранови 10 пати поверојатни и за два степени потопли. Одредени метеоролошки податоци и климатски модели, кои научниците ги користеа во анализата, покажуваат дека јулскиот топлотен бран во нордиските земји немаше да се случи доколку немаше климатски промени.

Жештината влијаеше врз населението на многу начини, болниците беа преполни и прегреани, а некои операции мораа да бидат откажани. Најмалку 60 луѓе се удавија бидејќи бројот на капачи на отворено се зголеми, а алгите цветаа во морето и езерата.

Жештината влијаеше и на живиот свет, особено на познатиот шведски ирвас. Некои животни умреа од жештината, а други влегоа во градовите барајќи сенка. Возачите беа предупредени дека може да има ирваси во тунелите бидејќи таму пронајдоа засолниште од жештината.

Во последните недели, високи температури се забележани во Велика Британија, Шпанија и Хрватска, како и во САД, Јапонија и Јужна Кореја.

Научниците се убедени дека климатската криза ги интензивира ваквите екстремни феномени.

Професорката Фредерике Ото, климатолог на Империјал колеџ во Лондон, рече дека дури и релативно ладните скандинавски земји се соочуваат со опасни топлотни бранови и дека ниедна земја не е безбедна од климатските промени.

„Согорувањето нафта, гас и јаглен убива луѓе денес. Фосилните горива ги засилуваат екстремните временски настани, а за да се спречи климата да стане уште поопасна, треба да се свртиме кон обновливи извори на енергија“, рече таа.

Се проценува дека до 2100 година, бројот на вакви топлотни бранови во Скандинавија ќе се зголеми петкратно.

Извештајот на WWA покажа дека климатските промени го менуваат светот во кој живееме и дека дури и релативно мало зголемување на температурата од 0,2 степени од 2018 година ги дуплира шансите за вакви топлотни бранови.

Зачлени се на нашиот е-билтен