Нов земјотрес со јачина од 6,0 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди источниот брег на рускиот полуостров Камчатка, соопшти Германскиот центар за геолошки истражувања (GFZ).
Според првичните податоци, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри, што укажува на плиток потрес со потенцијално силно локално влијание.
Ова е најновиот во серија силни земјотреси што го погодуваат регионот од крајот на јули. На 30 јули, Камчатка беше погодена од катастрофален земјотрес со јачина од 8,8 степени, еден од најсилните во историјата на регионот, според податоци на Американскиот геолошки институт (USGS).
По тој првичен потрес, сеизмичката активност продолжи со стотици последователни помали, но и неколку значајно силни земјотреси, вклучувајќи го и денешниот.
Како последица на земјотресот од 30 јули, цунами го поплави градот Северо-Курилск, мал рибарски град со околу 2.000 жители.
Во исто време, беше издадено предупредување за цунами за целиот регионот на Тихиот Океан, вклучувајќи ги Јапонија, Хаваи, Еквадор и западниот брег на Северна Америка.
Интересно е што, според геолози, вулканот Крашенјиников на Камчатка се активираше на 3 август за првпат по над 500 години, и тоа веројатно како последица на зголемената тектонска активност.
Во моментов нема информации за жртви или поголеми материјални штети од денешниот потрес, но властите продолжуваат да го следат развојот на состојбата.