Во Европската Унија досега изгореа над половина милион хектари

Шумските пожари што беснеат низ Европа ова лето веќе уништиле повеќе од 511.000 хектари земјиште, покажуваат податоците на Европскиот систем за информации за шумски пожари (EFFIS) заклучно со 12 август.

Тоа е повеќе од двојно над просекот за истиот период во годините од 2006 до 2024.

Од 1 јануари 2025, на територијата на ЕУ се регистрирани над 1.600 пожари, што е значително зголемување во однос на просечните 717 пожари годишно во изминатите 20 години.

Ова алармантно зголемување ја активираше Европската комисија да стави во функција сериозен одговор преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Портпаролката на Европската комисија, Ева Хрнчирова, изјави дека бројот на барања за помош преку овој механизам е веќе изедначен со бројката за целата 2024 година.

„Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е активиран 16 пати досега, а сè уште сме само на средина од август“, предупреди Хрнчирова.

Последната држава што побара европска помош е Шпанија, која пред само два дена првпат формално се обратила до Механизмот, иако често се соочува со екстремни летни пожари.

Ова барање е симболично, но и загрижувачко, бидејќи покажува дека дури и државите со долгогодишно искуство и ресурси за справување со пожари, веќе не можат сами да се носат со размерите на оваа климатска криза.

Механизмот за цивилна заштита на Европската унија е воспоставен во 2001 година со цел зајакнување на соработката меѓу земјите-членки и десет други земји учеснички, вклучувајќи и држави од Западен Балкан, за превенција, подготвеност и координирана реакција на природни катастрофи.

Секоја земја што се соочува со катастрофа — внатре или надвор од ЕУ — може да побара итна помош, додека Комисијата има клучна улога во координирање на одговорот и покривање на дел од трошоците, како што се транспорт и оперативни ресурси.

Досега, преку овој механизам биле одговорени над 770 барања за помош, и во и надвор од ЕУ.

Анализите покажуваат дека растечките температури, долгите сушни периоди и зголемените ветрови, поттикнати од климатските промени, значително го зголемуваат ризикот од шумски пожари.

Ова лето само го потврдува трендот: Европа, наместо да се подготвува за „вообичаено жешко“ лето, мора да се соочи со новата реалност на климатски вонредни состојби, кои бараат брзи, координирани и одржливи мерки.

Зачлени се на нашиот е-билтен