Тропската бура Ерин денес значително зајакна и достигна интензитет на ураган од четврта категорија во Карипското Море, соопшти Американскиот национален центар за урагани (NHC).
Бурата се наоѓа околу 240 километри североисточно од Ангвила и околните британски прекуокеански територии. Ветровите достигнуваат брзина до 230 километри на час, а Ерин се движи кон запад-северозапад со брзина од околу 30 километри на час, пренесува АП.
Иако моментално не се очекува директно да го погоди копното, силните ветрови веќе влијаат на околните острови, што наведе метеоролозите да издадат предупредувања за можни поплави, одрони и клизишта.
Предупредувањата се на сила за карипските острови Сен Мартен, Сен Барт и Сен Мартен, а NHC прогнозира обилни врнежи до недела за северните делови на Левардските острови, Девичанските острови и Порторико.
Особено ризични области во САД се крајбрежните делови како Утер Бенкс во Северна Каролина, Лонг Ајленд во Њујорк и Кејп Код во Масачусетс, каде постои зголемен ризик од директен удар на тропска бура или ураган. Поголемиот дел од јужниот и средниот Атлантик, како и крајбрежјето на Нова Англија, исто така ја следат ситуацијата, но со помал ризик од директен удар.
Ерин е петтата бура во актуелната сезона на урагани на Атлантикот, која официјално трае од 1 јуни до 30 ноември, но е првата која достигна статус на ураган.
Американскиот NHC нагласува дека Ерин ќе продолжи да се зајакнува додека се движи преку Карипското Море и предупредува населението и властите на островите да бидат подготвени за екстремни временски услови.