Хилари Клинтон: Трамп заслужува Нобелова награда ако ја запре војната во Украина без отстапување територии

Поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, изјави дека би го номинирала претседателот Доналд Трамп за Нобелова награда за мир доколку успее да стави крај на војната во Украина, без Киев да мора да отстапи територии на Москва.

Во поткаст во пресрет на претстојната средба меѓу Трамп и Путин во Алјаска, Клинтон нагласи дека конечната цел е прекин на огнот без територијални компромиси и постепено повлекување на руските трупи од окупираните области.

„Мислам, ако може да стави крај на овој ужасен воен конфликт, каде што Путин е агресорот кој изврши инвазија врз соседна земја и се обидува да ги менува границите – и тоа без Украина да биде ставена во позиција да отстапува територии, тогаш би го номинирала за Нобелова награда за мир“, изјави Клинтон.

Таа додаде дека ваков мировен договор би бил преседан и би значел вистинска победа за Украина, нејзината демократија и за безбедноста на САД. „Целта е да не се дозволи капитулација пред Путин, со помош и поддршка на САД. Тоа би бил важен сигнал за целиот свет“, истакна Клинтон.

На изјавите на Клинтон, претседателот Трамп одговори со задоволство, оценувајќи ги како „многу убави“, и додаде со шега: „Можеби повторно ќе морам да почнам да ја сакам.“

Средбата Трамп-Путин во Алјаска се очекува да биде клучна за развојот на мировниот процес, а ваквите изјави ја нагласуваат важноста на улогата на САД во барањето дипломатско решение за конфликтот во Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен