Калас: Путин ја продолжува војната, ЕУ останува на страната на Украина

Европската унија нема да го намали притисокот врз Русија и ќе продолжи да ја поддржува Украина, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас. Таа оцени дека рускиот претседател Владимир Путин не покажува вистинска намера за мир, и покрај средбата со американскиот лидер Доналд Трамп во Анкориџ.

Во интервју за Политико, Калас истакна дека, иако иницијативата на Трамп за нов мировен договор е важна, „суровата реалност е дека Москва нема намера да ја заврши војната“.

Според неа, руски сили извршиле нови напади врз Украина токму во време на преговорите, а Путин не понудил никакви гаранции за запирање на насилството. „Тој едноставно ги одолговлекува разговорите, надевајќи се дека ќе избегне одговорност“, нагласи Калас.

Таа потврди дека ЕУ работи на 19-тиот пакет санкции против Русија, оценувајќи дека само преку зголемен притисок Москва може да сфати дека не може бесконечно да ја продолжува агресијата. „Европа ќе ја поддржува Украина сè додека е потребно“, додаде Калас.

Воедно, ја отфрли тезата на Путин дека Киев е виновен за војната, нагласувајќи дека вистинската причина лежи во „империјалистичката политика на Кремљ“.

По разговорите во Анкориџ, американската администрација одржа брифинг со лидерите на НАТО. Претседателот Трамп ги нарече средбите „исклучително продуктивни“, а европските лидери издадоа заедничка изјава во која ја поздравија иницијативата на Вашингтон за трилатерални преговори меѓу Путин, Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски се очекува во понеделник да пристигне во американската престолнина, каде што ќе се разговара за можни следни чекори во мировниот процес.

Зачлени се на нашиот е-билтен