Kaja Шукова со видео-порака: „Лидерот покажува човечност, но не и кукавичлук“

Кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, со ново видео-обраќање на социјалните мрежи го истакна личниот кодекс со кој, како што вели, би го водела градот: вера во правда, посветена работа и лидерство што е човечно, но не и плашливо. Таа порача дека знае да признае грешка и да прости, но и да препознае „лажговци, мрзливци и профитери“, од кои ќе се дистанцира.

„Цврсто верувам во правда и правдина, како и во посветената работа за она во што веруваш… Лидерот треба да покаже човечност, но не и кукавичлук“, вели Шукова, додавајќи дека не е „кавгаџика“, дека го почитува туѓото мислење и дека „никогаш не ги остава блиските кога им е тешко“.

Што досега најавила Шукова – досие на ветувањата

Во кампањата Шукова веќе изнесе неколку конкретни насоки и ветувања. Најави темелно чистење на Скопје и општините во првите три месеци, со отстранување на дивите депонии, контрола и модернизација на системот за управување со отпад.

Паралелно, ја претстави рамката за култура: децентрализација на програмите низ населбите, користење на јавни простори, мобилни сцени и ваучери за граѓаните – со пораката „културата е право, не привилегија“.

Во социјалната политика, најави засилена грижа за ранливите категории, зголемување на капацитетите за социјална заштита и полесно покривање на основните трошоци за домаќинствата со низок приход.

Како симболичен гест кон јавниот простор, пред само еден ден најави план за враќање на Скопското Кале „во полно светло“ – од запоставена зона во уредена градска гордост.

Зачлени се на нашиот е-билтен