„Марш на ангелите“ во Кочани: родителите бараат правда за „Пулс“

Со порака дека трагедијата во дискотеката „Пулс“ не е бројка во црната хроника, туку човечка болка што не смее да се заборави, во Кочани се одржа 19. протестен „Марш на ангелите“. Родителите на загинатите, заедно со поддржувачи и граѓани, повторно повикаа државата конечно да ја заврши истрагата и да обезбеди правна разрешница.

Поворката тргна од Паркот на револуцијата и помина покрај трговскиот центар, зградата на Општина Кочани, Управата за јавни приходи, полициската станица и Основниот суд. На секоја од овие институции учесниците потсетија на обврската да се расветли случајот и да се утврди одговорноста.

„Оваа трагедија не е статистика. Тоа се 62 згаснати животи, 62 семејства во црнина, 62 украдени иднини,“ порачаа родителите, нагласувајќи дека нема да прифатат молк или „заташкување“ на случајот. Тие додадоа дека не бараат декларативно сочувство од политичари и функционери, туку конкретни постапки и одговорност на сите инволвирани, без разлика на функцијата или моќта.

Како и на претходните маршеви, учесниците носеа фотографии од загинатите и транспаренти со пораки за правда и одговорност. Протестот заврши повторно во Паркот на револуцијата, каде во тишина семејствата нагласија дека борбата за нивните деца продолжува сѐ додека трагедијата во „Пулс“ не добие јасен и праведен судски епилог.

Зачлени се на нашиот е-билтен