„Овие земји се во срцето на Европа и се дел од иднината на Европа. Во наредните години, мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе вреди. Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме – да ги помириме нациите и историите и да изградиме пообединет континент. Ќе продолжиме да соработуваме со сите партнери во пристапувањето и ќе го искористиме овој позитивен моментум за проширувањето“, истакна Кошта.
Тој нагласи дека Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан е потенцијална пресвртница која нуди финансиска поддршка и стимулации за реформи, регионална соработка и економска интеграција. – Не смееме да го изгубиме овој моментум. Сите лидери мора да го дадат својот удел. Сите страни мора да преземат одговорност. Бидејќи не станува збор за географија. Станува збор за вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото, рече Кошта.
Претседателот на Европскиот совет нагласи дека проширување претставува значаен предизвик за Европската Унија и нејзините земји членки, но тоа е уште поголем предизвик за државите од Западниот Балкан.
„Најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери. Вистинскиот предизвик лежи во усвојувањето на нов културен начин на размислување: надминување на историските конфликти, со цел да се изгради заедничка иднина“, истакна Кошта.
Тој додаде дека е свесен за фрустрацијата што ја чувствуваат многу Европејци кои сметаат дека Унијата е премногу пасивна во обликувањето на случувањата поврзани со рамковниот трговски договор меѓу ЕУ и САД и обновените дипломатски напори околу војната во Украина.
„Ескалацијата на тензиите со нашиот клучен сојузник околу царините, додека нашата источна граница е под закана, би бил неразумен ризик. Затоа, во овој момент, избравме дипломатија наместо ескалација. Дадовме простор на дијалог, избравме воздржаност затоа што сме одговорни. Стабилизирањето на трансатлантските односи и обезбедувањето ангажман на САД во безбедноста на Украина беше врвен приоритет“, истакна Кошта.
Тој додаде дека Европската Унија не започна трговска војна со САД и се „воздржа од одмазда“, за да ги заштити сопствените интереси – интересите на европските потрошувачи и на бизнисот и да осигура дека европските производи и услуги не се во неповолна положба во однос на другите извозници во американскиот пазар.
„Но, нашите партнери, вклучувајќи ги и САД, мора да знаат дека ЕУ секогаш ќе го брани својот суверенитет, своите граѓани, своите компании и своите вредности. Дипломатијата никогаш не треба да се меша со самодоволност. Точно е дека овој момент уште еднаш докажа дека нашиот моќен единствен пазар од 450 милиони потрошувачи и нашиот пристап базиран на правила не се доволни. Затоа мора да станеме поавтономни, поотпорни и поподготвени да дејствуваме. Посуверени“, порача Кошта.
Според него, Европската Унија мора да преземеме поголема одговорност за сопствената судбина и да се залага за свет каде што мирот е заштитен, партнерствата се вистински и каде што принципите на Повелбата на Обединетите нации се почитуваат не само со зборови, туку и со дела. – Европа не се повлекува. Европа се ангажира, истакна Кошта.
Тој нагласи дека Европа цврсто застана зад Украина против руската агресија затоа што европската безбедност е поврзана со украинската отпорност, на Блискиот Исток инсистира на недвосмислено почитување на меѓународното хуманитарно право, итен и одржлив прекин на огнот, непречен хуманитарен пристап и обновена меѓународна посветеност на решението за две држави и во исто време е посветена на поголеми инвестиции во одбраната за да ги зајакне сопствената безбедност и индустрии и да создаде работни места низ цела Европа.
Мирот без одбрана е илузија. Спротивно на најлошите предвидувања, успеавме да ги задржиме САД вклучени во НАТО и посветени на источната безбедност на Европа. Дипломатијата се уште функционира, а трансатлантската врска се одржа, истакна претседателот на Европскиот совет.
Кошта порача дека во денешниот фрагментиран свет, Европската Унија избира да дејствува и тоа не само преку моќ, туку преку партнерство, принципи и упорност.
„Ќе застанеме на страната на оние кои го почитуваат меѓународното право, а не на страната на оние кои сакаат да го уништат. И ќе продолжиме да градиме посилна Европа, не само за себе, туку во корист на глобалниот мир, правда и соработка. Ова е ветувањето на Европа. Ова е целта на Европа“, заклучи Кошта во воведното обраќање на Форумот во Блед.