Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) наложи итно преместување на делница од регионалниот колектор за отпадни води крај Езерото Младост, поради висок ризик од загадување и неможност за негово одржување.
При контролата на работата на ЈКП „Дервен“, инспекторите утврдиле дека клучни шахти на трасираниот систем се затрупани со земја и недостапни за проверка, што го прави колекторот небезбеден. Обидите за санација на другите оштетени шахти, како онаа кај хотел „Романтик“, се покажале како ризични и со можност за дополнително загадување на езерската вода, во која веќе е регистрирано зголемено присуство на органска материја.
Инспекторатот заклучил дека единствено трајно решение е трасирање на нова линија на колекторот подалеку од крајбрежјето.
Контролата открила и системски слабости: пречистителната станица во Новачани, изградена уште во 2004 година за отпадните води од Кумарино, Сујаклари, Отовица и населбата кај езерото, никогаш не била пуштена во работа. Поради тоа, веќе 20 години целата канализација се испушта директно во реката Вардар.
Дополнителен проблем е и вториот крак на колекторот што ги опслужува новите мотели. Со него моментално никој не управува, но од локалната власт најавуваат дека наскоро ќе биде ставен под надлежност на ЈКП „Дервен“.