На земјите од Централна и Источна Европа им требаат повеќе политички стимулации за да го прошират производството на електрична енергија од обновливи извори за да ги исполнат целите на Европска Унија, соопшти енергетскиот истражувачки центар Ембер.
Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Бугарија и Романија во моментов произведуваат само четвртина од електричната енергија од обновливи извори на енергија, се наведува во извештајот.
Релативно високиот удел од 55 отсто од фосилните горива „доведе до некои од најскапите цени на електричната енергија во ЕУ и го направи регионот ранлив на варијабилни трошоци и проблеми со снабдувањето“.
Голем дел од земјите од Централна и Источна Европа доцнат со имплементацијата на обновливата енергија, изјави претседателот на Чешката комора за обновлива енергија, Степан Чалупа.
Во 2022 година, кога цените на електричната енергија во Европа пораснаа откако Русија го прекина увозот на енергија во ЕУ, производството на енергија од ветер и сончева енергија во земјите сепак порасна на 28 отсто, што е над просекот на ЕУ од 15 проценти.
Сепак, ниските национални цели и постојаните пречки го попречуваат долгорочното проширување на соларните и ветерните капацитети и го ставаат регионот во позиција да не ја исполни целта на ЕУ за производство на 69 отсто од својата енергија од зелени извори до 2030 година, се истакнува во извештајот.
Ембер наведува доколку регионот го реализира својот потенцијал, би можел да додаде 200 гигавати ветер и соларен капацитет до 2030 година, предвидува истражувачкиот центар. Ова може да доведе до учество на зелената енергија од 63 проценти и значително пониски цени на големо. (МИА)