150.000 војници на границата со Полска – земјата ја затвори границата со Белорусија
Русија и Белорусија денеска ги започнаа заедничките стратешки воени вежби „Запад-2025“, соопшти руското Министерство за одбрана.
„На 12 септември започна заедничката стратешка вежба на вооружените сили на Република Белорусија и Руската Федерација ‘Запад-2025’“, се наведува во соопштението.
Оваа вежба претставува завршна фаза на заедничката обука на армиите на двете земји за 2025 година, пренесува агенцијата РИА Новости.
Според податоци од социјалните мрежи, во „Запад-2025“ учествуваат околу 150.000 војници, што ја стави НАТО алијансата во висока состојба на готовност, бидејќи маневрите се одржуваат во близина на границата со Полска. Напнатоста дополнително се зголеми поради тоа што пред три дена руски дронови навлегоа во полска територија.
Одговорот од НАТО не изостана – истовремено започнаа и вежби на десет северноевропски земји членки на алијансата, а Полска и Литванија спроведуваат свои национални одбранбени маневри. Полска ја реализира вежбата „Iron Defender-25“ со околу 30.000 војници, додека Литванија ја одржува „Thunder Strike“, фокусирана на подготвеноста во услови на кризa.
Полска ја затвора границата со Белорусија
Полска ноќеска ја затвори својата граница со Белорусија, на која се наоѓаат два патни и три железнички премини.
„Овие маневри се насочени против Полска и Европската унија. Границата ќе ја отвориме само кога ќе има гаранции дека нема да има провокации и агресивно однесување“, изјави полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кервињски на граничниот премин Тереспол.
Тој порача дека и покрај апелот од Москва да не ја затвора границата, мерката ќе остане на сила најмалку до завршувањето на воените маневри „Запад-2025“, кои се закажани да траат од 12 до 16 септември. Меѓутоа, западните разузнавачки служби предупредуваат дека Русија може да ги продолжи вежбите и по тој рок.