Парламентот на Словачка денеска, на предлог на Владата, усвои амандман на Уставот со кој се ограничуваат правата на истополовите парови и се отежнува промената на пол. Со амандманот е предвидено ваквите прашања да се регулираат со домашните закони, наместо според прописите на Европската унија.
За предлогот гласаа 90 од 99-те присутни пратеници, додека опозицијата не учествуваше на гласањето.
Во средата, Венецијанската комисија – советодавно тело на Советот на Европа – ја предупреди Словачка да не го носи амандманот, бидејќи државите не треба да создаваат судир меѓу т.н. „културни прашања“ и меѓународните обврски што ги имаат преземено.
Амандманот наведува дека по прашања како што се „културни и етички теми“, Словачка треба да има „суверенитет“ – предност над правото на ЕУ.
Премиерот Роберт Фицо, уште во јануари, при најавата на предлогот, повика на „традициите и духовното наследство на нашите предци“, нагласувајќи дека со ова ќе се „врати здравиот разум“.
Според текстот на амандманот: „Постојат два пола – машки и женски, утврдени при раѓање.“ Промената на пол ќе биде можна само во „сериозни случаи и под услови утврдени со закон“. Дополнително, правото на посвојување деца се ограничува исклучиво на брачни парови, со ретки исклучоци.