Фестивалот „Џифони Македонија“ е посебен, затоа што ги става младите во центарот на вниманието, правејќи ги вистински учесници. „Џифони“ се роди во Италија пред повеќе од 50 години, од едноставна, но моќна идеја, да им даде глас на младите луѓе преку филмот, тоа е посебен момент за младите генерации, да го откриваат светот, различните култури, да ги споделуваат своите лични погледи на свет и да ги хранат своите умови. Фестивалот се реализира и во Скопје 13 години и многу сум горд што италијанската амбасада е меѓу промоторите и поддржувач на организаторот сиве овие години. Заедно сакаме да ви понудиме уникатна можност – да растете, да се вклучувате во меѓукултурен дијалог, преку јазик што е универзален, јазикот на филмот – рече Паоло Палминтери, амбасадор на Италија во земјава, синоќа на свеченото отворање на 13. „Џифони Македонија“ во киното „Фросина“ во Скопје.
Неговата екселенција им посака да уживаат, да го живеат ова искуство со многу ентузијазам и заемна соработка и да не забораваат дека на овој фестивал нивното мислење е многу важно.

-Ќе видите филмови од различни земји, со свои специфични идентитети, но сите со универзални пораки за нашите улоги и одговорности. Ова нè потсетува дека уметноста и културата секогаш создаваат долги пријателства што ги преминуваат сите граници. Се надевам дека секој филм ќе ја поттикне вашата љубопитност и ќе се одрази на светот околу вас. Ќе имате можност да учествувате на работилници, ќе учите како се прават филмовите, како приказните се раскажуваат преку анимации, фотографија, стрип. Фестивалот ќе биде можност и за откривање нови таленти меѓу вас и да ја изразите вашата креативност. Вечерва гледате италијански филм, филм што ни покажува дека доброто пријателство не знае за граници. Вие сте духот на овој фестивал, не сте само гледачи туку сте и жири – рече Палминтери.
Фестивалот „Џифони Македонија“ започна пред 13 години по иницијатива на г. Клаудио Губитоси, основачот на најголемиот филмски фестивал за деца и млади во светот, кого го очекуваме на завршната церемонија на фестивалот, најави Анастасија Јуруковска, програмски менаџер на „Џифони Македонија“.
-„Џифони Македонија“ официјално стана тинејџер, а како што и темата на оваа година вели — „Да се биде човек“, истражуваме што значи да растеш, да го доживееш тинејџерството, и да станеш човек. Со тоа, можеби забележавте промена во нашата вообичаена локација. Оваа година, свеченото отворање го одржуваме во МКЦ — срцето на нашиот град — каде што многумина од нас пораснале, а многумина уште ќе растат. Место каде што се живее тинејџерството и каде што станувањето човек е неизбежно. Во следните пет дена, ќе угостиме повеќе од 400 членови на жирито од осум различни земји. Можам ли да чујам аплауз за: Италија, Романија, Данска, Швајцарија, Србија, Косово, Црна Гора, и секако, Македонија – рече Јуруковска.
Од денес јуниорите, кадетите и сениорите имаат можност да гледаат бројни филмови, да учествуваат во работилници поврзани со филмот и да се вклучат во инспиративни разговори преку мастеркласови. Освен гледањето филмови, џифонци ќе можат да учествуваат на разговори на програмата Creative Youth Talks со Бојан Василев и Беса
Туша, кои ќе ги претстават своите нови кратки филмови. Вечерва на програмата е и Меѓународната вечер на фестивалот, кога сите учесници преку музика и храна ја претставуваат својата култура.
Фестивалот ќе трае до 1 октомври. Во наредните шест дена Скопје ќе биде домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина младинци од седум земји. Младите учесници од другите земји ќе бидат сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје. Сите учесници на фестивалот го сочинуваат жирито поделено во три категории според возраста: јуниори (од 10 до 14 години), кадети (од 14 до 16 години) и сениори (од 17 до 19 години). Сите проекции на филмови, работилници и содржини наменети за младите учесници на фестивалот се целосно бесплатни.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, Пакомак, Витаминка, Дивела и др.