Амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас, вечерва во Дајмонд Мол Скопје ја отвори изложбата „ЦЕРН и универзумот: Науката што нè поврзува“, во рамки на одбележувањето на Ноќта на европски истражувачи 2025 година, најголемиот настан за наука во Европа кој ги доближува истражувањата и истражувачите до јавноста.

Рокас, на отворањето порача, дека годинава се одбележува 20-годишнина на Европската ноќ на истражувачи.
-Извонредна иницијатива што ја истакнува важноста на науката и иновацијата во нашиот секојдневен живот. Тоа е прослава на љубопитноста, откритието и генијалните умови што ја обликуваат нашата иднина ширум целиот континент. Скопје и целата земјата се приклучуваат на оваа паневропска прослава со серија активности фокусирани на науката и иновациите за сите возрасти. Целта на Европската ноќ на истражувачите е да ја разгори љубопитноста кај младите луѓе и да ги охрабри да остварат кариери во науката и технологијата. Преку изложби како оваа, покажуваме дека науката не е апстрактна – таа е пулсирачка, жива практика што влијае врз сите нас. Комбинирајќи ја науката, забавата и новите сознанија, ја славиме иднината на науката во Северна Македонија и нашите заеднички напори за изградба на поиновативна, одржлива, отпорна и обединета Европа, порача Рокас.ж

Иницијатива на Јуроп хаус Скопје, посочи Рокас, не би била можна без суштинската поддршка од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) и Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопјe, а достигнувањата на младиот физичар и математичар чии таленти ги надминуваат границите, се само пример за сѐ она за што се способни младите луѓе.

Изложбата „ЦЕРН и Универзумот: Науката што нè поврзува“ е поставена од Јуроп Хаус за да ги запознае посетителите со тајните на универзумот, физиката на честички и европската научна соработка. Посетителите ќе можат виртуелно да прошетаат низ акцелераторот на ЦЕРН и да погледнат интерактивни инсталации. Изложбата е отворена за целата јавност и ќе остане поставена во Дајмонд Мол Скопје до 15 октомври 2025 година.
Надвор од Скопје, Ноќта на европските истражувачи ќе се одбележи и низ остатокот од мрежата на Јуроп Хаус. Овие активности се прилагодени за локалните заедници кои опфаќаат куполи за виртуелна реалност, STEM експерименти и лабораториски анализи до лов на научно богатство.