Штип: пет лица со симптоми на труење

Пет граѓани од Штип пријавиле симптоми на труење по консумирање сендвичи со пилешко месо од киоск–сендвичарница, потврди Агенцијата за храна и ветеринарство. Објектот е веднаш затворен до добивање на лабораториски резултати.

Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини, а инспекторите спроведуваат вонреден надзор во координација со Центарот за јавно здравје – Штип.

Дел од засегнатите побарале медицинска помош, а здравствените служби ја следат нивната состојба. Од АХВ најавуваат продолжени контроли во Штип за да се спречат слични случаи и да се заштитат потрошувачите.

Труењето во Штип доаѓа само една недела по сличен и помасовен случај во Куманово, што остава простор за загриженост за безбедноста на храната која ја нудат операторите, дури и во услови кога нема екстремно топло време, кога вакви случаи се почести.

Зачлени се на нашиот е-билтен