По повод 1 октомври, Светскиот ден на интелигенцијата, Менса Македонија ќе организира тестирање на општата интелигенција со цел прием на нови членови. Тестирањето ќе се одржи во среда, на 1 октомври 2025 година, со почеток во 18:30 часот, на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје (ул. Руѓер Бошковиќ 18).
Право на пријавување имаат сите кандидати постари од 16 години. За учество е потребно да се уплатат 600 денари на сметката на Менса Македонија, а при самото тестирање задолжително е носење документ за лична идентификација. Дополнителен услов е од последното тестирање да има поминато најмалку шест месеци, а кандидатот да не се има тестирано повеќе од два пати.
Пријавувањето се врши онлајн преку формуларот достапен на линкот, со задолжително прикачување доказ за уплата најдоцна до 30 септември.
Во согласност со иницијативата на Менса за поддршка на крводарителството и младите, крводарителите, учениците и студентите добиваат 50% попуст и уплаќаат 300 денари.
Тестирањето се спроведува со стандардизирани тестови за интелигенција на Mensa International®, а резултатите се доверливи. Секој кандидат кој ќе постигне резултат во горните 2% од светската популација добива право на членство во Менса Македонија и Mensa International®.
Со оваа активност, Менса Македонија уште еднаш го нагласува значењето на интелектуалниот потенцијал и неговото препознавање во општеството.