Илјадници луѓе излегоа на улиците на Буенос Аирес барајќи правда за 15-годишната Лара Гутиерез и 20-годишните Морена Верди и Бренда дел Кастиљо, кои беа силувани, мачени и убиени, а нивната агонија беше пренесувана во живо на TikTok.
Според истрагата, трите девојки биле намамени во комби на 19 септември под изговор дека одат на забава, но станале жртви на нарко банда која сакала да испрати „опомена“ поради наводно прекршување на нивните правила. Пет дена подоцна нивните тела беа пронајдени закопани во јужното предградие на Буенос Аирес.
Министерката за национална безбедност Патриша Булрич потврди дека се уапсени петмина осомничени – три мажи и две жени – но водачот на групата, 20-годишен Перуанец, сè уште е во бегство.
Семејствата на жртвите во солзи повикаа на правда. „Она што им го направија, не би го направиле ни на животно“, изјави дедото на две од жртвите.
Потресената јавност бара поостри мерки за заштита на жените. Според организациите за човекови права, во Аргентина на секои 36 часа една жена е убиена од страна на маж.