Крипто-измама од 100 милиони евра разбиена во Европа: петмина уапсени, над 100 жртви

Европските истражни органи ја разбија една од најголемите крипто-измами во последните години, вредна над 100 милиони евра. Според Европската правосудна агенција Еуроџаст, повеќе од 100 лица од различни земји биле измамени преку лажни онлајн платформи за инвестирање.

Измамата траела најмалку од 2018 година и се проширила во 23 земји. Најмногу жртви има во Германија, Франција, Италија и Шпанија, кои вложувале значителни суми со надеж за високи приноси од тргување со криптовалути. Но наместо добивка, парите биле префрлани во Литванија, каде се перале преку мрежа на сметки и компании.

Кога инвеститорите се обидувале да ги повратат средствата, од нив се барало да уплатат дополнителни трошоци, а потоа платформите исчезнувале. На тој начин, речиси сите вложувања биле целосно изгубени.

Во заедничка акција на властите во Шпанија, Португалија, Италија, Романија и Бугарија, уапсени се пет лица – меѓу нив и главниот осомничен, кој се смета за водач на криминалната група. Тој се товари за измама од големи размери и перење пари, додека останатите четворица се осомничени за учество во мрежата.

Иако акцијата е спроведена минатата недела, информацијата беше објавена денес, бидејќи истрагите сè уште траат во повеќе земји. Европските власти порачаа дека дигиталниот простор не е засолниште за криминал и дека финансиските измами ќе бидат санкционирани без исклучок.

Зачлени се на нашиот е-билтен