Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Предрасуда која бара да скрши нечија глава

НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Настана голема „фуртутма“ (читај, неред, збрка, конфузија) околу претепувањето на младиот охриѓанец, извесен Христијан Пендиков, секретар на културниот центар „Цар Борис трети“. За жал, и такви работи се случуваат низ улиците и „ноќните кафеани“ било каде на земјината топка, но од друга страна, тоа би било само уште една ефемерна вест од рубриката „црната хроника“ низ нашиот сајбер простор, ако, само за момент, немаше околу таквата вест „специфични околности“ заради кои се случила на прво место.

Да го искористам сега пледоајето на Дејвид Сашет алијас Херкул Поаро, па да видиме кои се мотивите на овој немил настан, драг мој господине Хејстингс!

Претставниците на власта го осудија овој немил настан, како што го осудија и другите владејачки „фактори“, а виновниците се идентификувани и приведени. Во полициска терминологија може да кажеме и дека знаеме која е жртвата, а кои се џелатите. Жртвата, се разбира, е тепаниот, претпоставувам до толку може да разграничиме. Ама, драг мој Хејстингс, тоа ништо не ни докажува и за мотивите на самиот напад. Поточно, тоа ништо не ни докажува за неговите подлабоки причини, општествени околности кои го овозможија овој немил настан, го направија остварлив и го „легитимираа“.

Сега ни се поставува и друго прашање: ама како е возможно такво насилство да се легитимира ако сите важни (и неважни) „фактори“ ваквиот чин го осудија? Е, тука може да кажеме дека се наоѓаме помеѓу манифестниот и содржинскиот дел на политиката и јавниот живот.

Во Македонија, драг мој Хејстингс, како впрочем и во другите земји од „регионот“, со мали прекини, владеат претежно националистички структури, поточно владеат најпроблематичните елити во културна, идејна и вредносна смисла. Таквите елити својата сила и енергија најмногу ја трошат за поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост, идеолошка и националистичка агресија која потоа, пресудно, во разни облици низ јавниот живот ја преобликува свеста во правец, и тоа најблаго речено, за разбирањето и толеранцијата кон „другиот“ и „различниот“, а најчесто – во таква задушлива свинштина се појавува првата самовиктимизирачка флоскула од типот, „а тие нам што ни правеа, комшија“?

Kога нам ни се паѓа ваква опозициона политика персонифицирана во ВМРО и Левица, политика која ги зголемува шансите за нетолеранција и насилство, тогаш е плиткоумно да ги осудувате или да се „валкате над последиците“. Ова се последици – тепачката во Охрид – заради делувањето на мицковистите во јавниот живот. Некој сега може да рече, а што, море, Јовановиќ, сакаш ли да ги снема, сакаш ли да ги збришеш од јавната сцена? Јок, скраја било! Само сакам да кажам: кога ги труеш односите помеѓу луѓето, без разлика биле тие „кон надвор“ или „кон внатре“, немој да се чудиш кога после извесно време нечија глава или вилица ќе се распука. Немој потоа да ми се згрозуваш од таквиот гест и да велиш, „па јас немам никаква врска со последиците“. Имаш, и тоа како имаш, само или се правиш глупав или манипулираш со широкото граѓанство, трето нема.

Во таква атмосфера се растени и одгледувани овие момчиња. Таквиот јазик можеби го учат и дома, ама најмногу ваквиот јазик го учат преку доминантните медиуми, а тоа е јазикот што преовладува во јавната комуникација. И како јас сега да се зачудам дека денес ќе бидат Бугарите, а утре ќе бидат Албанците нивни непријатели? Треба ли сега јас да бидам зачуден ако еден шири добри вибрации во општеството, се обидува да ги намали предрасудите кон другоста (етничка, вредносна, родова, сексуална), а друг се обидува (низ јазикот), шири немир и нетолеранција? Македонија мора да биде земја која е позната во својата опуштеност, флексибилност, неагресивност, се на сè, Македонија мора да се врати во својата „нормалност“ како земја која во своето секојдневие гаи мултинационалност и мултиконфесионалност.

Ништо од ова погоре не ги оправдува напаѓачите. Возрасни се луѓе, мора да си ги сносат последиците од своите постапки. Ама објаснувањето не е исто што и оправдувањето. А објаснувањето на самиот чин е многу постаро, пошироко и поголемо од нив самите. Општествените околности во кој таков чин е возможен го овозможија оние елити пред сè кои припаѓаат на десниот, радикален и конзервативен спектар на ова општество. А сторителите не се некакви „бастарди“, туку нивни идеолошки „деца“, и тоа за овој случај е најважно.

Да завршиме: ние сите сме најпрво автономни личности, а потоа сме дел од некаков колективитет. И најчестите предрасуди ги гаиме кон оние луѓе кои прво не ги познаваме, а луѓе кои со ништо не ви направиле зло во вашите животи: тоа што зборува на друг јазик, се самоопределува поразлично од вас или бил кој друг означувач што на почеток не ви е по волја, не значи дека треба лично и физички да му ја скапете главата или распукате вилицата.

А најнепријатно е кога ќе те премолчат оние кои те научиле на тоа дека на некому друг и различен од тебе му ја расплачеш мајката.

Извор: Фронтлајн

Зачлени се на нашиот е-билтен