И проститутките мора да плаќаат данок, пресече Уставниот суд во Чешка

Уставниот суд на Чешка донесе конечна одлука дека приходите од доброволна проституција подлежат на оданочување, исто како и заработката од другите самостојни дејности. Судот ги отфрли жалбите на жена која одбивала да плати данок за 2013 и 2014 година, тврдејќи дека со наплатата на данокот државата практично станува посредник во проституцијата, што според чешките закони е кривично дело.

Одлуката следува по повеќегодишна судска постапка, во која даночните власти барале жената да плати повеќе од 1,8 милиони чешки круни за две даночни години.

Случајот започнал кога даночните инспектори забележале дека жената редовно менува поголеми суми евра во чешки круни и уплаќа пари на банкарските сметки, без да пријавува приходи.

Таа објаснила дека парите ги заработува од сексуални услуги и дека смета оти таквата дејност не подлежи на оданочување.

Во жалбите навела дека политичари во Чешка претходно јавно изјавувале дека доброволната проституција не се оданочува, поради што имала оправдано очекување дека не е должна да плаќа данок.

Уставниот суд ги отфрли овие аргументи, оценувајќи дека даночната обврска не зависи од моралната проценка на дејноста од која се остваруваат приходите.

Според образложението на судот, државата го оданочува реалниот економски приход и зголемувањето на имотот, а не моралната или правната природа на активноста од која произлегува заработката.

Судијата Јиржи Пршибањ објасни дека наплатата на данок не значи морално одобрување на проституцијата, ниту нејзино официјално признавање или промовирање од државата.

Судот оцени дека целта на оданочувањето е правично распределување на даночните обврски и дека третирањето на приходите од доброволни сексуални услуги како легитимен предмет на оданочување може долгорочно да придонесе за подобрување на општествената положба на лицата што ги обезбедуваат тие услуги.

Во Чешка доброволното давање сексуални услуги за пари не претставува кривично дело. За разлика од тоа, подведувањето и искористувањето на проституцијата на други лица се казниви според кривичниот закон.

Токму оваа разлика била клучна во судскиот спор. Жената тврдела дека државата, земајќи дел од нејзината заработка преку данок, фактички се доведува во положба на подведувач.

Судот го отфрли ваквото толкување, нагласувајќи дека наплатата на законски данок не претставува искористување на туѓа работа во смисла на кривичното законодавство.

Претходно, во 2025 година, Врховниот управен суд на Чешка утврди дека приходите од доброволна проституција се оданочуваат и дека тоа не е спротивно на меѓународните конвенции за борба против трговијата со луѓе.

Со последната одлука на Уставниот суд завршува повеќегодишниот правен спор и се потврдува дека приходите од доброволно давање сексуални услуги подлежат на истите основни даночни правила како и другите облици на самостојна заработка.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?